„Вашингтон забележал дека Иран го проширува дострелот на ракетите што веќе се во својот арсенал“, изјави Рубио за новинарите во Бастер, главниот град на Сент Китс и Невис. Беше јасно дека Иран е на пат еден ден да може да развие оружје што би можело да стигне до САД, рече тој.
Иран веќе поседува оружје способно да се закани на големи делови од Европа, рече Рубио. Државниот секретар, исто така, изрази изненадување што Техеран продолжува да инвестира во ракети со поголем дострел и покрај санкциите и сериозните економски тешкотии.
„Ова е неодржлива закана“, рече Рубио, кој е и советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зборувајќи пред уште една рунда разговори меѓу САД и Иран во Женева, Рубио рече дека дипломатијата никогаш не била исклучена и дека Трамп претпочита дипломатски решенија. Тој го опиша состанокот што ќе се одржи денеска како „следна можност за разговор“.
Според Рубио, индиректните разговори, со посредство на Оман, ќе се фокусираат првенствено на спорната нуклеарна програма на Иран. Американската делегација ќе ја предводи специјалниот претставник Стив Виткоф.
Рубио рече дека Вашингтон се надева оти може да се постигне напредок, но нагласи дека одбивањето на Иран да разговара за неговата програма за балистички ракети останува „голем проблем“.

