„Овој историски договор претставува голема победа за Соединетите Држави и за американскиот народ. Благодарение на визијата и лидерството на претседателот Трамп, овој историски договор трајно ги гарантира безбедносните интереси на САД на Арктикот, без никаков трошок за американските даночни обврзници“, изјави Рубио во објава на социјалната мрежа „Икс“ (X).
Како што наведе тој, Гренланд засекогаш ќе биде дел од стратешката одбранбена зона на Северна Америка, што ќе го спречи присуството на кој било противник на таа територија и во нејзината околина.
„Овој договор трајно и целосно ги решава прашањата за нашата национална безбедност поврзани со Гренланд“, заклучи Рубио.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Соединетите Американски Држави постигнале договор со Данска и Гренланд, кој, како што наведе, му обезбедува на Вашингтон трајна контрола врз безбедноста и други прашања поврзани со Гренланд.
Според него, договорот предвидува дека ниту еден противник на САД нема да може да воспостави база или воено присуство, ниту пак да реализира чувствителни инвестиции на Гренланд, без изречно писмено одобрение од Вашингтон.

