Романската војска уништи поморски дрон произведен од Украина

4.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Романската војска уништи поморски дрон произведен од Украина

- Тимот за интервенција доби одобрение за неутрализација на идентификуваниот објект, во согласност со важечките оперативни процедури, а околу 13:00 часот поморскиот дрон беше уништен со контролирана детонација, се вели во соопштението.

Министерството наведе дека дронот Sea Baby бил пронајден 66 километри источно од Констанца. Sea Baby е поморски дрон развиен од Украина.

Портпаролот на романското Министерство за одбрана одби да прецизира од која земја потекнува дронот, но потврди дека станува збор за Sea Baby.

Украинската служба за безбедност СБУ порача дека сите нејзини дронови Sea Baby кои учествувале во оперативни задачи во регионот на Црното Море се пронајдени.

- Ниту еден не влегол во романски води. Украина несомнено се придржува до меѓународното право, не ги крши меѓународните граници и со почит се однесува кон своите партнери, соопшти прес-службата на СБУ.

Загриженоста за безбедноста на пловидбата во Црното Море по нападите на танкери поврзани со Русија, за кои делумно одговорност презеде Украина, предизвика пораст на цените на осигурувањето во водната област која е клучна за испорака на житарки, нафта и нафтени деривати.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и генералниот секретар на НАТО Марк Руте вчера разговараа за безбедноста на Црното Море, потврди извор од турското Министерство за надворешни работи, откако Анкара изрази загриженост поради нападите.

Романија, Бугарија и Турција имаат заедничка работна група за деактивирање на заскитани мини кои почнаа да пловат во Црното Море откако Русија ја нападна Украина во 2022 година. Од почетокот на војната, откриени и уништени се приближно 150 пловечки мини, според податоците на романската морнарица. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата