Главната битка се води меѓу партијата „Ликуд„ на премиерот Бенјамин Нетанјаху која предводи крајно десничарска коалиција на националисти и ултра-ортодоксни евреи и опозициска коалиција предводена од партијата „Јашар„ на поранешниот началник на Генералштабот на армијата - Гади Ајзенкот.
-Не смееме да им го препуштиме теренот овде на Левицата и на арапските партии – партии кои се стремат да стават крај на еврејската држава. Тоа е она што е во прашање; тоа е она што виси на конец: зачувување на еврејската држава, обезбедување на нашата безбедност и заштита на нашата иднина,- -Бенјамин Нетанјаху.

-Се обврзувам да ја демонтирам воената и управувачката моќ на Хамас – или целосно да го уништам. Ова е ветување што ќе го исполнам. Уверен сум дека до крајот на оваа вечер, ќе видиме промена и нов дух за Државата Израел – корективен пресврт по трите години што штотуку ги преживеавме,- - Гади Ајзенкот.
Овие избори за 120 пратеници во Кнесетот се оценуваат како едни од најзначајните за Израел досега, со драстично различни политички визии за иднината на државата.
Додека Нетанјаху нуди „порелигиозен„ Израел и цврста контрола врз Газа и Западниот Брег, неговиот главен противник – Ајзенкот чиј син загина во војната во Газа, се позиционира како опција за враќање на демократијата и спасување на Израел од меѓународни санкции по војната во Газа.
-Мораме да ја спасиме нашата земја од диктатура, до која ќе дојде доколку Нетанјаху повторно ја освои својата позиција. За жал, тој ја подели нашата земја, нашиот народ, на две групи – вистински Евреи и не толку вистински Евреи. Сметам дека тоа не е правилно.
-На Израел му е потребна промена. Ова е судбоносен период, судбоносен период за оваа нација. Четвртина милион Израелци го напуштија Израел – најдобрите, елитата на Израел.

-Гласав за Ликуд и сакам да продолжам да гласам за Ликуд. Сметам дека нема алтернатива за Биби, нема никој што би можел да го замени.
-Исто така, сметам дека нема подобар кандидат од Биби. Ликуд е дел од целиот наш живот; од моето раѓање па сѐ до смртта.
7,3 милиони граѓани на Израел од кои 1,2 милиони се палестинци имаат право на глас. Меѓутоа, над 5 милиони палестинци кои живеат на териториите на окупираните Западен Брег и појасот Газа се исклучени од гласањето.
Гласачките места се затвораат денеска во 20 часот а на изборите учествуваат 37 изборни листи.
