Четиридневното патување на Ли е негова прва посета на Кина откако стапи на должност во јуни. Доаѓа во време на засилени тензии меѓу Кина и Јапонија, откако јапонската премиерка Санае Такаичи во ноември изјави дека војската на нејзината земја би можела да се вмеша доколку Кина преземе акција против Тајван.
Кинеската агенција Синхуа денеска јави дека Ли пристигнал во Пекинг. За време на престојот, Ли ќе се сретне со својот кинески колега Си Џинпинг, што е нивна втора средба за само два месеца.
Пред патувањето, Ли даде интервју за кинеската државна телевизија ЦЦТВ, велејќи дека Јужна Кореја доследно ја почитува политиката „една Кина“ кога станува збор за Тајван.
Ли изјави дека здравиот развој на односите меѓу Пекинг и Сеул зависи од меѓусебното почитување. Ли, исто така, го пофали Си како „навистина сигурен сосед“.
Кина минатата недела одржа големи воени вежби околу островот како предупредување за сепаратистичките сили и силите на „надворешно мешање“.
Кинеското Министерство за надворешни работи тогаш ја обвини владејачката партија на Тајван дека се обидува да бара независност, барајќи поддршка од САД.
Планираната продажба на оружје од големи размери на Тајван од страна на САД предизвика незадоволство во Пекинг во декември. Поради тоа, Кина санкционираше 20 американски компании поврзани со одбраната.
Ли изјави дека соработката на Сеул со САД, нивниот воен сојузник, не значи дека односите меѓу Јужна Кореја и Кина треба да одат кон конфронтација.
Јужна Кореја и САД ја повикаа Кина, традиционален сојузник на Северна Кореја, да го искористи своето влијание врз својот социјалистички сосед за да го убеди да се врати на преговори или да се откаже од својата нуклеарна програма.
Посетата на Ли има за цел зајакнување на билатералните врски и разговори за начините за обновување на мирот на Корејскиот Полуостров, изјавија јужнокорејски официјални лица.
За време на утрешниот самит, Ли и Си ќе одржат „детални разговори за суштински начини“ за решавање на безбедносните и економските прашања со кои се соочуваат двете земји, изјави советникот за национална безбедност на Јужна Кореја, Ви Сунг Лак. ј

