„Разговарав со претседателот Зеленски пред неформалниот состанок на лидерите на ЕУ за мировните напори во Украина, за да ја добијам неговата проценка на ситуацијата. Обединетата и координирана позиција на ЕУ е клучна за обезбедување добар исход од мировните преговори – за Украина и за Европа“, напиша Кошта на Х.
Преговарачите од САД и Украина изготвија ревидирана мировна рамка за ставање крај на војната во Украина по разговорите во Женева во неделата, пренесе ДПА.
Двете страни се согласија интензивно да продолжат да работат на заедничкиот предлог во наредните денови и да останат во тесна координација со европските партнери.
- Од голема важност е Украина да учествува во развојот на заедничката позиција на ЕУ на рамноправна основа. Ја цениме почитта, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател рече дека го информирал Кошта за преговорите во Женева и за клучните приоритети.
- Продолжуваме да работиме во добра волја за да постигнеме мир за Европа, нагласи Зеленски.
Администрацијата на САД минатата недела му претстави на Киев план од 28 точки за ставање крај на војната на Русија во Украина.
Лидерите на ЕУ треба да разговараат за тековните мировни напори на маргините на самитот меѓу Европската Унија и Африканската унија во Луанда, потврди портпаролката на Кошта.

