Поранешниот лекар на поранешниот американски претседател Џо Бајден одби да одговори на прашања во истрагата на републиканците во Претставничкиот дом за менталната состојба и здравјето на Бајден за време на неговиот мандат, соопштија адвокатите на лекарот, цитирани од американските медиуми.
Д-р Кевин О'Конор, кој беше семеен лекар на Бајден, а подоцна и лекар на Белата куќа, се повика на лекарската тајна и на правото дадено со Петтиот амандман за да одбие да одговори на прашања од членовите на Комитетот за надзор и одговорност на Претставничкиот дом, изјавија неговите адвокати.
Појавувањето на О'Конор денеска пред републиканските конгресмени дојде по неколку недели лични расправии за неговото сослушување. Адвокатот на лекарот побара „кратко одложување“ на неговото сведочење за да се осврне на прашањата поврзани со лекарската тајна, но комитетот одби, велејќи дека тој мора да се придржува до судската покана.
Републиканците започнаа сеопфатна истрага за постапките на Бајден за време на неговото претседателствување и се обидуваат да утврдат дали потпишувањето на документите од страна на претседателот демократ можеби била недозволено.
Бајден жестоко негираше дека бил ментално некомпетентен во кое било време додека бил на функција, нарекувајќи ги обвинувањата на републиканците „смешни и лажни“.