Поранешен шеф на мексиканската безбедност е осуден нa 38 години затвор, бил пион на картелите

18.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поранешен шеф на мексиканската безбедност е осуден нa 38 години затвор, бил пион на картелите

Тој е и највисокиот мексикански функционер кој досега бил осуден за соработка со нарко картели пред американските судови, пренесува „L.A.Times“.

Луна не е ни приближно озлогласен како Хоакин Гузман, попознат како „Ел Чапо“, поранешниот водач на картелот Синалоа, кој моментално отслужува доживотна затворска казна. Но, според федералните обвинители, Гарсија Луна, поранешен секретар за јавна безбедност на Мексико, му дозволил на Ел Чапо и другите картели да работат непречено. 56-годишникот некогаш бил мексикански колега на Едгар Хувер, кој беше главен федералист во САД речиси една деценија.

Тој бил службеник на владино ниво задолжен за борба против нарко-картелите и близок партнер на американската Агенција за борба против дрогата (ДЕА), која му доделила бројни награди за борба против криминалот.

Меѓутоа, додека тој добивал признанија од ДЕА, според сведочењето на судењето, му давал доверливи информации на картелот Синалоа. Картелот му платил милиони долари за овие услуги за да обезбеди заштита од операциите на безбедносните служби.

Тој е прогласен за виновен за заговор за шверц на кокаин и давање лажни изјави пред американските имиграциски власти.

„Иако се заколна дека ќе го заштити народот на Мексико од зависноста и насилството донесено од картелите, тој всушност беше двоен агент кој тајно дејствувал во интерес на картелите“, изјави обвинител во Источниот округ на Њујорк.

При изрекувањето на казната, федералниот судија Брајан Коган ги нарече признанијата што Гарсија Луна ги добил „димна завеса што му дозволила да прави незаконски работи“.

„Господине, вие сте виновни за овие дела. Не можете да се повикате на овие награди.Тоа не ве оправдува, не помага. Вие ја имате истата бруталност како Ел Чапо, само што таа се манифестира на поинаков начин. “, рече тој. Когам, исто така го водел случајот против шефот на картелот Синалоа.

На изрекувањето на пресудата, обвинителката Сарита Коматиреди рече:

„На многу начини, обвинетиот не е исто како Ел Чапо, тој е полош. Тој го овозможи постоењето на Ел Чапо.“

Американското Министерство за правда ја пофали пресудата, а случајот беше внимателно следен во Мексико.

Шефот на ДЕА, Ен Милграм, минатата година изјави дека пресудата за Гарсија Луна „треба да испрати јасна порака до сите политички лидери ширум светот“.

Гарсија Луна беше министер од 2006 до 2012 година за време на поранешниот мексикански претседател Фелипе Калдерон, кој започна крвава воена кампања против картелите.

Таа кампања доведе до раскол меѓу криминалните групи, но организацијата „Ел Чапо“ остана сомнително недопрена. Калдерон постојано негираше какви било сознанија за корупција во неговата администрација, а за време на судењето на Гарсија Луна, не се појавило докажано сведочење кое го инкриминира поранешниот претседател.

Се шпекулира дека американските иследници градат случај против поранешни високи мексикански функционери. Покрај Калдерон, на мета може да се најде и Енрике Пења Нието, неговиот наследник. На судењето на „Ел Чапо“, еден од сведоците изјавил дека Нието примил поткуп од сто милиони долари од картелот Синалоа. Нието ги негирал овие наводи, нарекувајќи ги „апсурдни лаги“.

Исто така, се шпекулира дека картелот Синалоа финансиски ја помогнал кампањата на Андрес Мануел Лопез Обрадор во 2006 година, кој ја напушти претседателската функција претходно овој месец.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата