Полицијата во Мозамбик уби десет малолетници за време на демонстрациите

25.11.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Полицијата во Мозамбик уби десет малолетници за време на демонстрациите

Стотици други малолетници се приведени во изминатиот месец, откако беа објавени изборните резултати, соопшти групата за човекови права.

Оваа јужноафриканска земја беше зафатена од немири откако кандидатот на владејачката партија беше прогласен за победник на изборите на 9 октомври и покрај тврдењата на опозицијата за измама и критиките за гласањето од страна на меѓународните набљудувачи, вклучително и тим од Европската унија.

Властите во Мозамбик не дадоа детали за тоа колку луѓе се убиени или приведени во протестите, но велат дека некои од демонстрациите станале насилни и безбедносните сили морале да ги задушат.

Даниел Чапо беше прогласен за победник на изборите на 24 октомври, продолжувајќи го непрекинатото полувековно владеење на партијата Фронт за ослободување на Мозамбик од независноста од Португалија во 1975 година.

Фронтот за ослободување на Мозамбик, попознат како Фрелимо, често е обвинет за местење избори за да остане на власт.

Имаше насилни протести по минатогодишните локални избори, но овие демонстрации беа најголемиот предизвик за долгогодишното владеење на Фрелимо.

Протестите се проширија на улиците на главниот град Мапуто и другите поголеми градови, откако непознати напаѓачи убија двајца високи опозициски функционери.

Оттогаш, илјадници одговорија на редовните повици за протести на социјалните мрежи на независниот претседателски кандидат Венанци Мондлејн, кој загуби од Чапо.

Мондлејн ја напушти земјата плашејќи се за својата безбедност по убиството на неговиот адвокат, еден од двајцата убиени опозиционери.

Меѓународните групи за човекови права соопштија дека најмалку 30 луѓе биле убиени од безбедносните сили кои пукале врз демонстрантите, додека мозамбичките групи наведуваат дека билансот на загинатите е околу 50.

Адвокатската комора на Мозамбик претходно овој месец соопшти дека обезбедила ослободување на повеќе од 2.700 лица кои биле приведени, од кои многумина биле тинејџери./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата