Полицијата пронајде три исчезнати деца- две години биле во рацете на озлогласена секта

23.11.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Полицијата пронајде три исчезнати деца- две години биле во рацете на озлогласена секта

Децата исчезнале во октомври 2022 година од нивниот дом во округот Бивер, Јута, предизвикувајќи двегодишна потрага која конечно имаше среќен крај, објави Дејли Меил.

Дојавата која локалната полиција ја добила на крајот на август ја предупредила за евентуалното место на живеење на децата. Тогаш полицијата верувала дека таткото на децата можеби „го организирал нивното исчезнување и последователно криење“.

Исчезнатите деца се пронајдени во куќата на нивната баба во Фредонија, Аризона, мало пустинско гратче кое се наоѓа на 5 милји од границата Аризона-Јута.

По понатамошната истрага, полицијата на Фредонија открила дека децата биле намерно скриени од остатокот од светот, бидејќи одредени членови на семејството сакале да го сокријат нивното место на живеење.

Бабата и тетката на неименуваните деца се уапсени под сомнение дека се вмешани во нивното исчезнување во 2022 година, додека нивниот татко е на слобода.

Се смета дека децата живееле со членови на конзервативната црква на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни, религиозно движење кое често се споредува со култ поради неговата вмешаност во разни незаконски активности, вклучувајќи детски бракови, напуштање деца, сексуални напади и трговија со луѓе. Во светот се познати под името Мормони.

Во соопштението за печатот издадено од полицијата се вели дека заедничките напори меѓу агенциите за спроведување на законот во Аризона и Јута успеале да ги ослободат децата на 1 септември. Оттогаш децата се со мајка им.

- Полициската управа на Фредонија им се заблагодарува на сите што помогнаа. Децата од денеска се безбедни и со нивната мајка, а истрагата продолжува - се наведува во соопштението.

Необичниот град во северна Аризона, познат како порта кон северниот раб на Големиот Кањон, има само 1.203 жители, според Бирото за попис на САД.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата