Погребани жртвите од еден од најсмртоносните напади во Полтава

7.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Погребани жртвите од еден од најсмртоносните напади во Полтава

Жртвите од ракетниот напад на Русија врз воениот институт во Полтава, еден од најсмртоносните руски воздушни напади од почетокот на војната во Украина, при кој загинаа над 50 луѓе, а повеќе од 300 беа повредени, денеска беа погребани во источниот украински град.

Стотици ожалостени, вклучувајќи семејства на жртвите, локални жители и претставници на властите, се собраа на официјалната церемонија во катедралата „Успение Богородично“ во Полтава, град на околу 350 километри југоисточно од украинската престолнина Киев.

Низ солзи, блиските на жртвите, од кои многумина носеа црвени каранфили, стоеја покрај ковчезите поставени пред црквата, покриени со жолто-сини украински знамиња. За време на церемонијата, сирените за воздушен напад одекнаа во градот.

Местото се исполни со тишина кога локалните жители се поклонија пред катафалките што ги пренесуваа ковчезите кон военото гробиште надвор од градот.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, синоќа изјави дека бројот на жртви од рускиот воздушен напад врз воениот институт во Полтава на 3 септември се зголемил на 55, а 328 лица се повредени. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата