Почна светскиот економски форум во Давос – дебатата околу Гренланд во фокусот на собирот

20.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Почна светскиот економски форум во Давос – дебатата околу Гренланд во фокусот на собирот

Старата Европа и досегашниот светски поредок нема да се вратат колку и да сме носталгични, затоа градиме нова и независна Европа на безбедносен, енергетски и економски план – порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во нејзиното обраќање на Светскиот Економски форум во Давос. Таа призна дека не очекувала новиот геополитички шок во Артикот да биде дел од нејзиниот говор, но испрати порака до американскиот претседател Доналд Трамп – независноста на Гренланд не се дискутира а заканите за дополнителни тарифи се грешка.

-Првиот принцип е целосна солидарност со Гренланд и Кралството Данска. Суверенитетот и интегритетот на нивната територијата не се преговараат. Ќе работиме со САД и сите партнери на поширока Арктичка безбедност. Ова е од наш заеднички интерес. Eвропа мора да ја забрза својата независност – од безбедност до економија, од одбрана до демократија, имајќи диалог со пријателите и партнерите и ако е неопходно со непријателите. Поентата е дека светот се измени трајно и ние мора да се измениме заедно со него.  Ви благодарам и да живее Европа! - Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија 

Елитниот форум во Давос кој вообичаено е платформа на која се дискутира иднината на светската економија, се претвори во низа на кризни состаноци во обид да се спречи евентуална конфронтација помеѓу членки на истата одбранбена алијанса – сепак, додека Фон дер Лајен најавува непоколеблив одговор на обид за присвојување на Гренланд, Доналд Трамп пред тргнувањето за Давос беше дециден дека островот е неопходен за САД и во тој поглед, како што тој изјави, нема враќање назад.

-Па, не мислам дека (ЕУ членките)  ќе притискаат премногу. Слушајте, мора да го имаме (Гренланд). Тие мора да го направат ова. Можат да го заштитат. Данска, тие се прекрасни луѓе и ги познавам лидерите, тие се многу добри луѓе, но тие дури и не одат таму. И знаете, бидејќи еден брод отишол таму пред 500 години, а потоа заминал, тоа не ви дава право на сопственост. - Доналд Трамп, претседател на САД

Трамп сподели и приватни пораки кои наводно му ги испратиле генералниот секретар на НАТО – Марк Руте и францускиот претседател Емануел Макрон, на кои навидум тие се обидуваат да договорат состанок со него на оваа тема.

-Ќе ги искористам моите медиумски ангажмани во Давос да ја истакнам твојата работа во (Сирија), Газа и Украина. Посветен сум да најдеме решение за Гренланд. -Марк Руте

-Целосно се согласуваме за Сирија, можеме да направиме одлични работи околу Иран, не разбирам што правиш за Гренланд.  -Емануел Макрон

Овој четврток претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта,  најави итен состанок за лидерите на сите земји членки на ЕУ, со цел да се подготви консолидиран одговор на Унијата после заканите на Трамп дека ќе го откупи и присвои Гринланд, а ќе ги казни со тарифи од 10% до евентуални 25%,  сите европски земји кои ќе се противат на неговиот план.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата