Пентагон подготвува испраќање 3.000 падобранци на Блискиот Исток

25.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пентагон подготвува испраќање 3.000 падобранци на Блискиот Исток

Овие специјални сили се обучени за воздушнодесантни операции со употреба на падобрани.

Според повеќе медиумски извештаи, повикувајќи се на неименувани американски претставници, планот предвидува испраќање околу 3.000 војници за поддршка на операции против Иран, но не е јасно колку се конкретни овие планови.

„Волстрит џурнал“ објави дека сè уште не е донесена одлука дали да се испратат копнени сили директно во Иран, но распоредувањето отвора повеќе стратешки опции за претседателот Доналд Трамп.

„Политико“ оцени дека засилувањето на военото присуство укажува на можност за насилно преземање контрола врз Ормуската Теснина, која е од витално значење за транспортот на нафта.

„Њујорк тајмс“ прв извести за плановите на Пентагон, наведувајќи дека силите би можеле да бидат распоредени за заземање на клучното иранско извозно пристаниште на островот Харг.

Илјадници маринци веќе се распоредени во регионот, а според претходни американски податоци, таму има повеќе од 50.000 војници.

Израел и САД започнаа напади врз Иран пред нешто повеќе од три недели, на што Техеран одговори со контранапади.

Се наведува дека 82-та воздушнодесантна дивизија може да биде распоредена во рок од 18 часа по добивање наредба. Таа е базирана во сојузната држава Северна Каролина во источниот дел на САД. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата