Пацифичката државичка Науру го смени името

31.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пацифичката државичка Науру го смени името

Пацифичката островска државичка Науру официјално го промени своето име во Република Наоеро, враќајќи се на своето традиционално име, во потег за кој властите велат дека има за цел зајакнување на националниот идентитет и зачувување на културното наследство.

Во мај, парламентот на Науру усвои уставен амандман со кој се менува името на земјата и првично планираше да одржи национален референдум. Но, претседателот Дејвид Адеанг вчера на социјалните мрежи објави дека референдумот е напуштен.

„Одлуката да не се одржи референдум беше донесена по внимателно разгледување на фактот дека Наоеро не е ново име кое сè уште не е прифатено меѓу граѓаните. Тоа е веќе идентитетот на нашиот народ, се наоѓа на националниот грб, се користи во секојдневниот говор на заедницата и, најважно, е дозволено со Уставот“, напиша Адеанг.

Скратеното име на земјата ќе биде Наоеро, додека нејзините граѓани ќе се нарекуваат деи-Наоеро.

На европските колонизатори им беше тешко да го изговорат оригиналното име

Европските колонизатори ја преименуваа земјата во Науру затоа што им беше тешко да го изговорат нејзиното оригинално име Наоеро. Таа островска земја со околу 12.000 жители е третата најмала земја во светот, по Ватикан и Монако.

Адеанг истакна дека одлуката не е од политичка природа, туку дека станува збор за идентитет, наследство и „зачувување на наследството на нашите предци и зајакнување на иднината на нашите деца“. Владата официјално ги информираше меѓународните организации и другите земји за промената на името, а процесот на премин кон новото име е веќе во тек.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата