Организацијата SNAP, мрежа на жртви на злоупотреба од страна на свештеници, тврди дека пред изборот на новиот папа, тие им посочиле на кардиналите дека Превост наводно не презел ништо во случаите на злоупотреба за кои знаел.
„Молчењето е грев. Тоа не е она што Бог го сака. Исус сака да ги запреме овие работи, а не да создадеме плодна почва за раст на злоупотребата“, изјави за „Дејли меил“ потпретседателот на организацијата, Лопез де Касас.
Свештеникот-злосторник се наоѓа во близина на училиштето
Според нивните наводи, додека бил одговорен за августинците во Чикаго, Превост наводно му дозволил на свештеникот Џејмс Реј (кој претходно бил отстранет од јавна служба поради наводи за злоставување малолетници) да живее во манастирот „Свети Јован Стоун“ во Хајд Парк.
Реј наводно престојувал во црквата во непосредна близина на основното училиште „Свети Апостол Тома“ без да бидат информирани администраторите на училиштето, додека Црквата, пишуваат тие, тврдела дека Реј бил под строг надзор. Слични обвинувања доаѓаат од Перу, каде што Превост беше епископ на епархијата Чиклајо од 2014 до 2023 година.
Новоизбраниот папа наводно не отворил официјална црковна истрага за двајца свештеници обвинети за сексуална злоупотреба, иако жртвите Ана Марија Киспе и нејзините сестри тврдеа дека епархијата под негово водство ја намалила сериозноста на нивните обвинувања во извештаите испратени до Ватикан.
Кардиналите беа информирани пред изборот
SNAP истакнува дека сите 135 кардинали со право на глас биле информирани за неговото наводно непостапување во овие случаи. Тие додаваат дека Превост бил меѓу најопасните кандидати за папската функција токму поради овие случаи.
„Тој беше високо на нашата листа за следење. Сакавме да спречиме да биде избран, но сега сме таму каде што сме“, рече Лопез де Касас, кој самиот страдаше од злоупотреби од наставници и свештеници, објави NBC.
Имено, де Касас раскажал како бил злоупотребен од наставници во јавно училиште. Неговата мајка, сомневајќи се дека нешто се случува, го однела кај свештеникот во парохијата. Потоа свештеникот го замолил да му покаже што му направиле неговите учители, а потоа и самиот го малтретирал.