Авион на папата полета од Рим и по тринаесетчасовен лет слета на аеродромот „Сукарно-Хата“ во 11:16 часот по локално време.
Индонезија е земјата со најголемо муслиманско население во светот – 242 милиона луѓе, или 87 отсто од населението. Таму живеат и околу осум милиони католици, што е помалку од 3 отсто од населението на земјата. Посетата е пред сè посветена на воспоставување дијалог помеѓу двете религии - исламот и христијанството. В четврток ќе се одржи меѓурелигиска средба на која ќе присуствуваат претставници на шесте признати деноминации од индонезиската влада – ислам, протестантизам, католицизам, будизам, хиндуизам и конфучијанство.
Папата утре свечено ќе биде пречекан од индонезискиот претседател Џоко Видодо, а по завршувањето на посетата на Индонезија, тој ќе продолжи за Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур.
Оваа дванаесетдневна турнеја, при која папата ќе помине 32.000 километри, е најдолгото и најдалечното патување откако беше избран за поглавар на Римокатоличката црква во 2013 година. Патувањето претставува огромен физички предизвик за аргентискиот језуит, кој во последните години има здравствени проблеми.
Франциск е третиот папа што го посетува архипелагот од 17.500 острови. Претходно тоа го направија папа Павел Шести во 1970 година и папата Јован Павле Втори во 1989 година.
Во загадениот и подложен на поплави мегалополис Џакарта, папата, кој придава огромно значење на заштитата на животната средина, може повторно да се произнесе против глобалното затоплување.
Меѓурелигиската средба во четврток се очекува да се одржи во најголемата џамија во Југоисточна Азија – „Истиклал“, која се наоѓа до катедралата „Успение на Пресвета Богородица“. Во 2020 година властите наложија изградба на „тунел на пријателството“ што ги поврзува двете згради како знак на религиозно пријателство.
Безбедноста во Џакарта е зајакната, со околу 4.000 безбедносни служители распоредени, вклучувајќи снајперисти, војници, полицајци, како и личното обезбедување на папата./МИА