Откриен е првиот официјален портрет на кралот Чарлс III по крунисувањето (ВИДЕО)

15.05.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Откриен е првиот официјален портрет на кралот Чарлс III по крунисувањето (ВИДЕО)

Кралот на портретот се гледа во црвена униформа на велшката гарда, која е претопена во црвената позадина, со што лицето на кралот добива уште поголем израз, објави Би-Би-Си.

Тој е прикажан со меч во раката и пеперутка која слетува на неговото рамо.

„На почетокот, кралот беше малку изненаден од светлата боја, но инаку изгледаше како да се насмевнува со одобрение“, вели авторот на портретот Џонатан Јео.

Колку е светла бојата покажува реакцијата на кралот Чарлс по нејзиното откривање. Портретот го пофали и кралицата Камила, која му кажа дека добро ја пренел сликата на кралот кој го презеде тронот во мај 2023 година, по смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета.

Наводно, кралицата Камила кога ја видела сликата му рекла на авторот: „Да, тоа е тој, ти го погоди“.

Откривањето на сликата сепак поминало со голема нервоза.

„Ако ова се сметаше за предавство, би можел буквално да платам со мојата глава, што би било соодветен начин за умирање на сликарот на портрети - да му ја отстранат главата“, се пошегува Јео.

Како што вели, сакал сликата да биде препознатлива и „раскин со минатото“.

Постојат традиционални мотиви на кралски портрети, како воена облека и мечеви, но и модерни елементи, како светли бои и пеперутки.

„Во историјата на уметноста, пеперутката симболизира метаморфоза и преродба“, објаснува Јео, кој досега сликал портрети на поранешниот британски премиер Тони Блер, познатиот натуралист Дејвид Атенборо и Малала Јусафзаи, борец за правата на жените.

Пеперутката, додава тој, е и референца за интересот на кралот за заштита на животната средина. Работата на портретот започнала во јуни 2021 година, додека кралот Чарлс сè уште бил принц од Велс.

Тој му позирал четири пати по околу еден час, последен пат во ноември 2023 година, пред да му биде дијагностициран рак.

Јео не сака да открие што разговарале на средбата, но вели дека кралот Чарлс има „одлична смисла за хумор“ и дека бил заинтересиран за процесот на создавање на сликата.

Кралските портрети во минатото играле важна улога во претставувањето на нечија моќ и биле дел од алатките што се користеле за да се обезбеди опстанок на монархот, наведува Би-би-си.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата