На влегувањето во 11-тата недела од судењето, поротата во Врховниот суд на Викторија ја прогласи Ерин Патерсон за виновна за убиство на родителите на нејзиниот отуѓен сопруг, Дон и Гејл Патерсон, и неговата сестра, Хедер Вилкинсон. Поротата од 12 члена, исто така, ја прогласи за виновна за обид за убиство на сопругот на Хедер, Иан Вилкинсон, кој го преживеал труењето и поминал недели во болница, објави Скај Њуз.
Додека се читаа пресудите, Патерсон не го кренала погледот од поротата. Таа гледаше право напред, смирена. Ниту еден член на семејствата Патерсон или Вилкинсон не бил присутен на пресудата.
Ерин Патерсон е обвинета во ноември 2023 година за смртоносен ручек што го приредила на 29 јули истата година во нејзиниот дом во Леонгата, во регионот Гипсленд во југоисточна Викторија.
На судењето беше откриено дека четворица гости се здобиле со труење од печурки аманита откако ги изеле отровните печурки познати како „капи на смртта“.
Гејл и Хедер починале на 4 август. Свекорот Дон починал еден ден подоцна, на 5 август. Иан, пастор на Баптистичката црква Корумбури, се опоравил и бил отпуштен од болница во септември 2023 година.
Обвинителот тврдел дека Ерин Патерсон поканила четворица постари гости под „изговор“ дека има рак и дека ѝ е потребна помош за тоа како да им ја соопшти веста на своите деца.
Отуѓениот сопруг на Ерин Патерсон, Сајмон, исто така бил поканет на ручекот, но откажал еден ден претходно, велејќи дека му е премногу непријатно да присуствува, беше слушнато на судењето. Обвинителството не даде мотив за убиството.
Адвокатот на Ерин Патерсон, Колин Менди, го нарече „трагедија и ужасна несреќа“. Тој рече дека неговата клиентка никогаш немала намера да им наштети на нејзините гости. Менди му кажа на судот дека Ерин Патерсон паничила и ги излажала полицајците кога тврдела дека никогаш не берела печурки ниту поседувала дехидратор за храна бидејќи била преплавена од емоции по ручекот.
Одбраната призна дека не е спорно дека на Ерин Патерсон никогаш не ѝ е дијагностициран рак.
Поротата, составена од седум мажи и пет жени, започна со расправата на 30 јуни и мораше да донесе едногласни пресуди по сите четири точки.
Судијата неколку пати за време на судењето коментираше за извонредното медиумско внимание посветено на случајот. Во своите завршни упатства до поротата, тој нагласи дека мора да го игнорираат медиумското известување додека ја разгледуваат пресудата.
„Овој случај привлече невидено медиумско внимание и предизвика многу јавни коментари. Доколку нешто од ова ви го привлече вниманието или ушите, или ако се случи во наредните денови или за време на вашите размислувања, мора да бидете особено внимателни да не бидете под влијание на кој било начин“, рече судијата.
Тој им нагласи на поротниците дека не смеат да „погодуваат значењето на доказите“ што ги слушнале од повеќе од 50 сведоци, туку можат да извлечат разумни заклучоци за да донесат пресуда.
„Пред да донесете пресуда за виновност, обвинителството мора да ве увери дека обвинетиот е виновен по обвиненијата. Ерин Патерсон не мора ништо да докажува“, рече судијата.
Додаде дека не е доволно обвинителството да докаже дека обвинетата е веројатно виновна или дека веројатно сторила кривично дело.
„Како што ви кажав, речиси е невозможно да се докаже нешто со апсолутна сигурност кога се реконструираат минатите настани, а обвинителството не мора да го прави тоа. „Разумното сомневање“ не е ниту фантастично ниту имагинарно сомневање, ниту нереална можност“, изјави тој.