Ослободени петмината осомничени за тероризам од американската база. Трамп: Изненаден сум

29.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ослободени петмината осомничени за тероризам од американската база. Трамп: Изненаден сум

RAF Ферфорд е британска воздухопловна база во Глостершир која интензивно ја користат американските воздухопловни сили, особено за стратешки бомбардери и летови со долг дострел.

Заради инцидентот, завчера рано наутро беше прогласена вонредна состојба и беа евакуирани десетици домаќинства, откако полицијата доби пријави за три сомнителни возила во близина на базата.

Од полицијата за борба против тероризмот наведуваат дека истрагата се одвива во повеќе насоки. Се испитува можноста во инцидентот да биле вклучени посредници или поединци кои работеле – свесно или несвесно – за странска држава.

Сите петмина уапсени мажи се британски државјани од Лондон, на возраст меѓу 23 и 25 години. Тие првично беа приведени под сомнение за кршење на Законот за експлозиви, а потоа повторно уапсени под сомнение за подготовка на терористички чин.

Полицијата потврди дека мажите и понатаму се предмет на истрага. Тие се пуштени на слобода под строги ограничувања на движењето и забрана за контактирање со одредени лица. Тројца од осомничените живеат во Вестминстер, еден во Камден, а еден во Вилсден, пренесува Би-би-си.

Со децении, Американските воздухопловни сили (USAF) ја користат базата „РАФ Ферфорд“ како истурена оперативна локација. Во последните месеци, американски бомбардери полетуваа од оваа база кон Блискиот Исток, откако Обединетото Кралство го одобри барањето на САД за користење на објектот за одбранбени напади врз Иран.

Во јули, Иран изјави дека „секоја база што се користи за агресија врз иранска територија претставува легитимна цел за неговите сили“. Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа за „Фокс њуз“ изјави дека е јасно оти во настаните бил вклучен „странски актер“, иако не понуди ниту докази, ниту детали. „Она што се случи, она што за малку ќе се случеше или она што можеше да се случи во Обединетото Кралство за време на викендот, претставува многу сериозна ситуација. Јасно е дека е вклучен странски актер“, рече тој.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба изјави дека е „изненаден“ од ослободувањето на петтемина осомничени и дека тој не би им дозволил да излезат со кауција. „Знаеме сè за нив; немаше да ги пуштиме надвор“, рече Трамп, додавајќи дека Обединетото Кралство тесно соработувало со САД на овој случај.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата