Изборите ќе одлучат кој ќе носи одлуки на локално и општинско ниво во наредните пет години. Избирачките места се отворија во 8:00 часот по локално време (06:00 по ГМТ).
Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека внимателно ќе ги разгледа резултатите од денешното гласање и ќе извлече заклучоци за нивното значење во регионалната и националната политика.
Околу 20.000 мандати се предмет на избори во локални совети во 396 општини, 31 окрузи и во Регионалниот парламент на Рур, кој го претставува индустрискиот регион на Германија. Избирани ќе бидат градоначалници, лорд-градоначалници (главни градоначалници со повеќе овластувања од обичните), советници на окрузи, членови на градски, општински и интеграциски совети, како и совети на независни градови.
Ова се последните големи избори во Германија годинава и првиот политички тест на јавното мислење по предвремените федерални избори во февруари.
Центро-десничарската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) од 1999 година редовно освојува најмногу гласови на локалните избори во НРВ. На последните избори во 2020 година освои 34,3 проценти, следена од Социјалдемократската партија (СПД) со 24,3 проценти. Зелените тогаш го постигнаа својот најдобар резултат со 20 проценти и ги освоија првите три градоначалнички места во НРВ – во Ахен, Бон и Вупертал.
Крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) тогаш освои 5,1 процент, Либералите (ФДП) 5,6 проценти, а Левицата 3,8 проценти. Анкетите навестуваат значително повисок резултат за АфД на овие избори.