Денеска обострани напади си извршија Иран и Израел, додека Обединетите Арапски Емирати утрово го дочекаа со нови ракетни удари по американските бази од страна на Иранската гарда вклучително и на прометниот Дубајски аеродром, кој сега е целосно затворен а внатре заглавени останаа илјадници патници. Освен ОАЕ, на удар се и други држави со американско воено присуство како Либан, Бахрејн, Кувајт, Јордан и Ирак, а Американските и Израелските сили пак најавуваат масовни бомбардирања врз Иран.
„Многу сме добри во Иран, некој рече како би оцениле од нула до десет, јас реков, би дал оценка од 12 до 15. Нивната војска исчезна, нивната морнарица е готова, нивните комуникации, лидери. Два реда лидери заминаа, останаа на третиот.“
Раководството на Иран со порака до земјите од регионот – доколку нема напади од нивна страна, нема да бидат цел на ирански напади, а истото предупредување го добија и Европските држави, откако претседателот Трамп рече дека очекува поддршка од сите европски сојузници.
„Веќе ги информиравме Европејците и сите останати дека треба да бидат внимателни и да не се вклучат во оваа војна на агресија против Иран. Доколку помагаат, не сакам да именувам ниту една држава, ако било која земја се присоедини кон агресијата против Иран, да се придружат на Америка и Израел во агресијата против Иран, тогаш и тие ќе бидат легитимни цели за одмазнички напади.“
По почетокот на војната на Блискиот исток регионалните складишта со нафта и газ како и танкерите во Ормутскиот теснец се цел на напади, по што цената на нафтата скокна за 35% што е рекорден неделен раст во последните 43 години, додека ударот по индустрискиот кластер Рас Лафан на Катар Енерџи фактички го затвори најголемот центар за течен природен гас (ЛНГ) во регионот.

