Нивеа кремите под истрага! Швајцарија ги проверува – една работа е сомнителна

25.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нивеа кремите под истрага! Швајцарија ги проверува – една работа е сомнителна

Швајцарската комисија за заштита на пазарната конкуренција (WEKO) покрена истрага против германската компанија „Beiersdorf“, сопственик на познатиот бренд „Nivea“, поради сомнеж дека производите од таа марка се продаваат по повисоки цени во Швајцарија отколку во другите земји.

Повод за истрагата е жалбата на швајцарскиот малопродажен ланец „Migros“, кој тврди дека „Nivea“ производите ги купува од „Beiersdorf“ под понеповолни услови отколку трговците во други држави. „Migros“ се сомнева дека „Beiersdorf“ ја користи својата пазарна моќ и поголемата куповна моќ на граѓаните на Швајцарија за да диктира повисоки цени.

– Ако компанијата ја користи својата доминантна позиција на пазарот за на трговците да им наметне повисоки цени отколку што тоа би го правела во други земји, тоа може да претставува прекршување на правилата за еднаква конкуренција – се наведува во соопштението на швајцарскиот регулатор.

Новиот швајцарски закон, кој стапи на сила на почетокот од 2022 година, предвидува дека компаниите чии производи се со висока побарувачка може да бидат класифицирани како субјекти со „релативно посилна пазарна позиција“. Во тој случај, се очекува нивните деловни услови да бидат фер, без оглед на куповната моќ на пазарот.

Целта е да се спречат практики засновани на претпоставката дека Швајцарците „можат да платат повеќе“, што според „WEKO“ би претставувало нефер третман во споредба со другите европски потрошувачи.

„WEKO“ соопшти дека истрагата ќе трае до 18 месеци и дека за време на тој период ќе се анализираат сите достапни докази за да се утврди дали „Beiersdorf“ го прекршил законот, пишува „Biznis.rs“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата