Во интервју за американската телевизија „Њузмакс“, Нетанјаху изјави дека 50 заложници сѐ уште се во заробеништво кај Хамас, од кои се претпоставува дека 20 се живи.
– Сакам сите да ги вратам дома. Моментално имаме нацрт-договор според кој би се вратиле половина од живите и половина од мртвите. Се очекува да вратиме уште 10 живи и околу 12 мртви, но ќе ги вратиме и нив. Се надеваме дека сето ова ќе заврши во наредните неколку дена, изјави Нетанјаху.
Тој додаде дека Израел и Хамас верјатно ќе постигнат 60-дневно примирје, за време на кое ќе се водат преговори за трајно запирање на конфликтот.
Во меѓувреме, Хамас соопшти дека остануваат неколку клучни пречки во тековните преговори, вклучително и доставата на хуманитарна помош, повлекување на израелските сили од Појасот Газа и гаранции за траен прекин на огнот.
Нетанјаху, исто така, изјави дека очекува Израел наскоро да склучи мировни договори со неколку арапски држави.
– Нашите арапски соседи здивнаа со олеснување по нашата воена операција против Иран. Со некои од нив веќе постигнавме мир, со други тоа допрва ќе го сториме, истакна премиерот.
Тој потврди дека во моментот на нападот врз иранските нуклеарни постројки минатиот месец, Иран бил на чекор до создавање нуклеарна бомба. Според него, операцијата ја одложила иранската програма за неколку години.