Нетанјаху: Го отстранивме Хасан Насралах и двајцата негови наследници

9.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нетанјаху: Го отстранивме Хасан Насралах и двајцата негови наследници

 Милитантите на Хезболах денеска истрелаа артилериски гранати и ракети врз израелските војници во близина на либанското погранично село Лабунеха, соопшти групата, еден ден откако Израел објави дека убила двајца наследници на убиениот лидер на Хезболах.

Сирените се огласија во северниот дел на Израел денеска, соопшти израелската војска, додавајќи дека тројца израелски војници биле тешко повредени за време на борбите во јужен Либан овие два дена.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека двајцата наследници на убиениот лидер на Хезболах биле убиени во израелски воздушни напади.

-Ги деградиравме можностите на Хезболах. Отстранивме илјадници терористи, вклучително и самиот (Хасан) Насрала и замената на Насрала, како и замената на замената, рече Нетанјаху, без да ги именува последните двајца.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека Хашем Сафиедин, човекот од кој се очекува да го наследи Насрала, веројатно е „елиминиран“. Веднаш не беше јасно на кого мислеше Нетанјаху со „замената на замената“.

Подоцна, портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изјави дека Израел знаел дека Сафиедин бил во штабот на Хезболах кога воените авиони го бомбардирале минатата недела и дека статусот на Сафиедин „се проверува и кога ќе се знае, јавноста ќе биде известена“.

-Денес Хезболах е послаб отколку што беше многу, многу години“, рече Нетанјаху.

Израелската војска вчера соопшти дека во тешки воздушни напади врз подземни објекти на Хезболах во јужен Либан загинале најмалку 50 борци во текот на изминатите 24 часа, вклучително и шест секторски команданти и регионални претставници.

Зголемените регионални тензии предизвикани од нападот врз јужен Израел од страна на палестинската вооружена група Хамас со седиште во Газа пред една година, ескалираа во последните неколку недели и се прелеаја во Либан.

На почетокот на октомври Иран, спонзорот и на Хезболах и на Хамас, истрела проектили кон Израел, а вчера го предупреди Израел да не напаѓа ниту една негова инфраструктура, поради страв од можен израелски напад на нафтени или нуклеарни локации.

Иранскиот министер за надворешни работи рече дека секој напад врз иранската инфраструктура ќе биде возвратен, додека висок ирански функционер им рече на земјите од Персискиот залив дека тоа ќе биде „неприфатливо“ и ќе предизвика одговор доколку дозволат нивниот воздушен простор да се користи против Иран.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата