Половина од смртните случаи се пријавени во Тенеси, Мисисипи и Луизијана. Додека некои смртни случаи се припишуваат на хипотермија, за други се сомнева дека се поврзани со изложеност на јаглерод моноксид, поради изворите на топлина кои биле користени во подрачјата каде што немало струја.
Повеќе од 230.000 домови и претпријатија беа без струја до изминатата ноќ, според податоците на веб-страницата за следење на прекините Poweroutage.us, по зимската бура која зафати големи подрачја на САД минатиот викенд. Најголем број прекини на струја и понатаму се бележат во Мисисипи и Тенеси, со по околу 87.000 корисници без електрична енергија во секоја од тие сојузни држави.
Метеоролозите најавуваат дека температурите под нулата ќе потраат на истокот на САД до февруари и дека овој викенд постои голема веројатност за обилни снежни врнежи во Северна и Јужна Каролина, Вирџинија и североисточна Џорџија. Снег е можен и во делови на Северна Каролина, како и по должината на источниот брег од Мериленд до Мејн.
Со уште еден бран на опасен студ кој од денеска се движи кон југот на САД, експертите предупредуваат дека се зголемува ризикот од хипотермија за жителите во делови на Мисисипи и Тенеси кои влегуваат во шестиот ден без струја на температури под нулата.
Американската Национална метеоролошка служба соопшти дека арктичкиот воздух што се движи кон југоисток денеска ќе предизвика пад на веќе ледените температури до минус 10 степени Целзиусови во градовите како Нешвил.
Стотици припадници на Националната гарда вчера беа мобилизирани во Мисисипи и Тенеси за да ги расчистат урнатините и да им помогнат на луѓето заглавени во автомобили или во куќи. Гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривс, рече дека трупите на Националната гарда доставуваат оброци, ќебиња и други материјали со камиони и хеликоптери, а гувернерот на Тенеси, Бил Ли, изјави дека спасувачките единици поделиле повеќе од 600 грејни единици и над 8.300 литри бензин и дизел.

