Најмалку 17 лица загинаа во поплавите предизвикани од обилни дождови во Авганистан

1.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Најмалку 17 лица загинаа во поплавите предизвикани од обилни дождови во Авганистан

Првите обилни сезонски дождови и снежни врнежи во Авганистан го прекинаа долгиот период на суша, но истовремено предизвикаа поројни поплави во повеќе делови на земјата, во кои настрадаа најмалку 17 лица, додека 11 лица се повредени, соопштија денеска локалните власти.

Портпаролот на Националната управа за управување со катастрофи на Авганистан, Мохамед Јусуф Хамад изјави дека екстремните временски услови го нарушиле секојдневниот живот во централните, северните, јужните и западните региони на земјата.

Поплавите нанесоа голема штета на инфраструктурата во погодените окрузи, усмртија добиток и погодија околу 1.800 семејства, дополнително отежнувајќи го животот на веќе загрозените заедници.

Хамад наведе дека тимови на надлежната служба се упатени во најтешко погодените подрачја, каде што и понатаму се вршат проценки за да се утврдат дополнителните потреби на населението. Авганистан е, како и соседните Пакистан и Индија, исклучително изложен на екстремни временски појави, особено на поројни поплави кои ги следат сезонските врнежи.

Децениите вооружени конфликти, лошата инфраструктура, сечењето на шумите и сè поизразените влијанија од климатските промени дополнително ги засилија разорните последици од ваквите непогоди, особено во оддалечените области каде што многу куќи се градени од кал и нудат минимална заштита од ненадејни поплави. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата