Мртва трка меѓу Трамп и Харис, покажа најновата анкета

19.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мртва трка меѓу Трамп и Харис, покажа најновата анкета

Потпретседателката Камала Харис и поранешниот претседател Доналд Трамп остануваат на нерешено седум недели пред претседателските избори на 5 ноември, според новите анкети објавени денеска, кои исто така укажуваат на тесна трка во клучната држава Пенсилванија.

Во националната анкета, Харис и Трамп се изедначени со 47 отсто од гласачите. Анкетата е спроведена на 2.437 испитаници од 11 до 16 септември за Њујорк Тајмс, Филаделфија Инквајер и колеџот Сиена. Маргината на грешка е 3 процентни поени.

Во Пенсилванија, една од седумте клучни сојузни држави, Харис го задржа водството од четири процентни поени и води со 50 наспрема 46 отсто, со маргина на грешка од 3,8 процентни поени, според анкетата на Тајмс.

Посебна анкета на Вашингтон пост укажа на тесна трка во таа држава, која може да го одреди исходот на собранието, заедно со Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина и Висконсин. Испитаниците во Пенсилванија, 1.003 од нив, изјавиле 48 отсто за Харис и 47 отсто за Трамп, со маргина на грешка од 3,6 поени.

Повеќето испитаници изјавиле за „Пост“ дека се „исклучително мотивирани“ да гласаат и дека зачувувањето на американската демократија е „исклучително важно“ за нив. Но, тие се поделени во однос на кандидатот кој најдобро би ги заштитил националните слободи, 48 отсто гласале за Харис, а 45 отсто за Трамп.

Анкетата на NYT/Inquirer/Siena, исто така, покажала дека американската демократија е важно прашање за гласачите, заедно со економијата, абортусот и имиграцијата. Поддршката за двајцата кандидати е приближно еднаква.

Анкетата на Ипсос за Ројтерс минатата недела покажа дека Харис води со пет процентни поени, односно ја поддржуваат 47 отсто од испитаниците, а Трамп 42 отсто.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата