ММФ ја зголеми проекцијата за економијата на САД, а ја намали за ЕУ

18.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ММФ ја зголеми проекцијата за економијата на САД, а ја намали за ЕУ

Меѓу водечките светски економии, најзначајна промена бележат САД, пораст од 0,5 процентни поени, така што сега се очекува годинава да достигне 2,7 отсто, што го зголемува јазот во однос на другите напредни економии, особено во однос на Европската Унија.

Оваа прогноза е направена без да се земат предвид потенцијалните политики што ќе ги води новиот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи ММФ нема прецизна претстава што и како ќе се прави, посочуваат од институцијата.

- Економијата на САД се држи многу добро, со солиден пазар на труд, а личната потрошувачка останува силна. Спротивно на тоа, иако се забележува раст во еврозоната, сепак, прогнозите се ревидирани надолу, изјави главниот економист на ММФ, Пјер Оливие Гуринша.

Проблемот произлегува од двете големи европски економии, Германија и Франција, чии прогнози се ревидирани надолу, за разлика од Шпанија, која веќе има добри показатели во последните две години, а ММФ од неа очекува уште повеќе оваа година, со раст од 2,3 проценти.

Германија, која имаше рецесија две последователни години, едвај ќе премине на позитивна територија, со очекуван раст од 0,3 отсто, ревидиран за 0,5 процентни поени надолу од последната прогноза на ММФ во октомври.

- Постои загриженост за зголемувањето на цените на енергијата во некои земји, но исто така и одредена несигурност во врска со трговијата со Кина или САД и што би можело да се случи во иднина. Тоа влијае на земјите како Германија и Франција, рече Гуринша.

Разликите забележани меѓу западните земји се видливи и меѓу земјите во брз развој, при што економскиот раст на Кина забавува од година во година.

ММФ ја ревидираше нагоре својата прогноза за економски раст на Кина за 2025 година, очекувајќи да биде 4,6 отсто, но тоа е пониско од 2024 кога имаше раст од 4,8 проценти, а тој тренд се очекува да продолжи и во 2026 година.

Добрата вест во извештајот е дека инфлацијата во развиените економии треба да се врати приближно на два отсто колку што е целта на главните централни банки, со проектирани 2,1 отсто за оваа година и 2 отсто за 2026, што е знак дека врвот на инфлацијата од 2022 година е минато.

Иако инфлацијата во земјите во брз развој и во развој е повисока, и се очекува да изнесува 5,6 отсто, таа е ревидирана надолу и бележи забавување во однос на 2024 година, а тој тренд се очекува да продолжи и следната година, проценува ММФ во најновиот извештај за светската економија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата