Група неидентификувани лица биле забележани како излегуваат од канализација во близина на Втората авенија и Источната 17-та улица околу 5 часот наутро во среда.
Досега нема апсења
Објавените фотографии ги прикажуваат необичните „истражувачи“ со фенерчиња, лопати и работни ракавици кратко откако излегле.
Властите велат дека се верува дека една жена и четворица мажи излегле од канализацијата. Потоа петмината влегле во црвена лимузина, управувана од друга жена, пред да исчезнат.
Сè уште нема апсења, а инцидентот е под истрага, објавува „Њујорк пост“.
Случајот е најновиот во низата сомнителни влегувања во канализацискиот систем на Њујорк во последните месеци, што покренува прашања за мистериозните групи на таканаречени кртови кои го истражуваат подземјето на градот.
„Барале вредни предмети“
Полицијата соопшти дека друга група урбани истражувачи биле забележани како излегуваат од канализациска шахта на Ист Сајд на Менхетен во раните утрински часови на 6 октомври. Не беше веднаш јасно зошто се впуштиле во таква експедиција.
Меѓутоа, во септември, две лица беа уапсени откако беа откриени како истражуваат канализации во истиот дел од градот.
Нивната авантура ги однесе до простор под хотелот каде што престојуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на Генералното собрание на Обединетите нации, соопшти полицијата и извори запознаени со случајот.
Еден од двајцата обвинети, венецуелски државјанин, им кажал на властите дека влегол во канализацијата „барајќи вредни предмети што биле заглавени во одводите“. Сепак, експертите предупредуваат дека е малку веројатно златото, среброто и другите вредни предмети всушност да можат да се најдат во подземните канализациски системи.

