„Кога луѓето ќе ме прашаат, дали некогаш би се кандидирала? Одговорот е не. Знаете, кога ме прашувате тоа, немате поим каква жртва поднесуваат децата кога нивните родители се во таа улога“, рече Мишел Обама во подкастот на Кајли Келси, пренесува порталот Хил.
Таа рече дека нејзината желба е да го заштити своето семејство од притисоците што доаѓаат со јавната функција.
„Не само што политиката на тој начин не ме интересира, туку и помислата да ги ставам моите девојки повторно во центарот на вниманието кога тие само сега се етаблираат. Мислам дека направивме доволно“, рече таа и додаде дека тоа никогаш нема да се случи, пренесува порталот Фокс4.
На почетокот на 2023 година, некои демократи и политички аналитичари шпекулираа дека Мишел Обама може да биде замена доколку Џозеф Бајден одлучи да не се кандидира, а нејзината популарност и политичко влијание беа наведени како причини поради кои демократите би можеле да се обидат да ја убедат да се кандидира./МИА