„Ова е важен чекор за поефикасно враќање на мигрантите, за зајакнување на контролата на границите и за Европа конечно да има поверодостојна миграциска политика“, напиша Мелони на „Фејсбук“.
Таа додаде дека Европа конечно се движи во вистинската насока, следејќи ја линијата што Италија силно ја поддржува. Справувањето со илегалната миграција Мелони го постави како еден од своите главни приоритети.
Текстот, што беше одобрен вчера од Европскиот парламент, ќе им овозможи на земјите членки да создаваат центри за мигранти во држави надвор од ЕУ. Таму ќе можат да испраќаат и евентуално да задржуваат лица чии барања за азил се одбиени и кои подлежат на враќање во земјите на потекло.
Оваа идеја веќе беше тестирана од страна на Италија во Албанија. Сепак, центрите таму долго време се речиси празни поради низа судски жалби. Во февруари, во еден од двата центри имало околу 90 лица, наведува извор од италијанското Министерство за внатрешни работи.

