„Мелиса“ однесе 28 жртви во Јамајка- нема струја, недостига и вода за пиење

2.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Мелиса“ однесе 28 жртви во Јамајка- нема струја, недостига и вода за пиење

„Владата на Јамајка со големо жалење потврдува дека 28 лица загинале како резултат на ураганот Мелиса. Им изразуваме искрено сочувство на семејствата, пријателите и заедниците кои тагуваат поради загубата на своите најблиски“, изјави јамајканскиот премиер Ендру Холнес во објава на социјалната мрежа X.

Јамајканскиот министер за информации, Дана Морис Диксон, изјави дека има цели населби кои се практично отсечени, додека некои области се целосно уништени, објави Би-Би-Си.

Покрај тоа, 72 проценти од населението на Јамајка сè уште нема електрична енергија, а околу 6.000 луѓе се сместени во засолништа за итни случаи.

Според британската јавна служба, снабдувањето со вода за пиење и основни прехранбени производи е исто така голем проблем.

Министерот за здравство на Јамајка, Кристофер Тафтон, изјави дека ураганот Мелиса, исто така, оштетил здравствени установи, додавајќи дека службите за итни случаи остануваат достапни, но се преземаат напори за обезбедување основни ресурси како што се гориво и вода за тие објекти. Ураганот Мелиса ја погоди Јамајка во вторник како бура од категорија 5, една од најсилните бури некогаш регистрирани во Карибите.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата