Како што пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на американски претставници, сменета е и заменичката на Хог во НСА, Венди Нобл.
Агенцијата за национална безбедност е моќна служба за следење и кибер шпионажа.
Генералот Хог, кој исто така ги водеше операциите за кибер одбрана во Пентагон, ја презеде функцијата директор на НСА пред нешто повеќе од една година.
Водечките демократски членови на американскиот Конгрес протестираа поради наводното отстранување на генералот Хог од функцијата директор на НСА, при што еден од нив рече дека одлуката ги прави сите во САД помалку безбедни.
Демократскиот сенатор Марк Ворнер, потпретседател на Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат, рече дека генералот Хог чесно и служел на Америка повеќе од 30 години во униформа и праша како неговото отстранување, во време кога САД се соочуваат со невидени кибер закани, ги прави Американците побезбедни.
Највисокиот член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД, демократскиот претставник Џим Хајмс, рече дека е „длабоко вознемирен од одлуката“ и дека Комитетот за разузнавање и американскиот народ сакаат итно објаснување за одлуката, што, како што додаде, ги прави сите помалку безбедни.
Претходно вчера, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека отпуштил „некои“ функционери на Советот за национална безбедност, во потег што уследи откако екстремно десничарската активистка Лора Лумер директно му изрази загриженост за лојалноста на некои вработени во Белата куќа.
Според Њујорк Тајмс, влијателната Лора Лумер побарала од Трамп да го отпушти Тимоти Хог за време на состанокот со него во Белата куќа во средата. Таа побара од претседателот да го отпушти персоналот за кој сметаше дека се недоволно лојални на неговата агенда за „да ја направи Америка повторно голема“.
Директорот на НСА Тим Хог и неговиот заменик директор Венди Нобл покажаа нелојалност кон претседателот Трамп, затоа и се отстранети“, напиша таа на мрежата „Х“.
Откако се врати на власт во јануари, републиканскиот претседател започна обемна реорганизација на војската, вклучително и отпуштање на началникот на Генералштабот, Чарлс Браун.