- ЕУ треба да се укине и суверенитетот да се врати на поединечните земји, за владите подобро да можат да го претставуваат својот народ, напиша Маск на Х. „Бирократијата на ЕУ полека ја задушува Европа до смрт“, додаде американскиот милијардер.
ЕУ вчера го казни X со 120 милиони евра (140 милиони американски долари) за кршење на нејзините правила за транспарентност, обвинувајќи ја платформата за лажно авторизирање на корисничките профили со сини ознаки, дека крие податоци од истражувачите и не ги документира транспарентно рекламите поставени на платформата.
Комисијата соопшти дека висината на казната е пропорционална на прекршувањето.
Казната предизвика критики и од американскиот државен секретар Марко Рубио.
- Казната од 140 милиони долари на Европската комисија не е само напад врз Х, тоа е напад врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ од страна на странски влади, објави тој вчера на Х.

Маск не кажа дали ќе покрене правна постапка против одлуката на Комисијата. Но, тој ја прикачи објавата на врвот на неговиот профил на Х, што значи дека тоа е првото нешто што посетителите го гледаат на страницата.
Тој ги продолжи своите напади врз ЕУ во серија други објави, обвинувајќи ја за цензура и повикувајќи САД да воведат санкции кон блокот.

