Кралот и неговата сопруга Камила најпрво ќе ги посетат Бахамите и Гвајана, а потоа ќе отпатуваат во Антигва и Барбуда за состанокот на шефовите на влади на земјите од Комонвелтот (CHOGM), кој се одржува на секои две години.
Турнејата ќе трае од 27 октомври до 4 ноември. На претходниот состанок на лидерите на Комонвелтот во 2022 година, Чарлс изрази длабоко жалење во врска со ропството – тема што сигурно повторно ќе биде покрената. Комонвелтот претставува група од 56 земји, од кои повеќето се поранешни британски колонии.
Минатиот месец, „CARICOM“ – заедница од 23 карипски нации, вклучувајќи ги Бахамите, Барбадос и Јамајка – објави дека прашањето за репарациите ќе биде дел од дневниот ред на „CHOGM“. „Карипскиот регион постојано нагласува дека прашањето за репарациите, во својата суштина, е прашање на правда“, изјави генералниот секретар на „CARICOM“, Карла Барнет, во говор минатиот месец.
Кралот нема да упати формално извинување
„Станува збор за признавање, одговорност и трансформација – градење праведна и еднаква иднина за потомците на оние кои, како сопственост на колонијалните господари, претрпеле незамисливи страдања, како и губење на животот и слободата“, рече таа.
Иако од Бакингемската палата изјавија дека кралот нема да ја избегнува темата за вмешаноста на Британија во трансатлантската трговија со робови за време на неговата турнеја, тој сепак нема формално да се извини за тоа, како што некои бараат. Ова е во согласност со политиката на британската влада, која исто така ја отфрла можноста за какви било финансиски репарации.
„Овде е важно да се истакне долгогодишната работа на Неговото Височество во насока на признавање на грешките од минатото и обидите да се пронајдат креативни начини за исправување на нееднаквостите што сè уште постојат“, изјави портпарол на палатата.
„Извинувањето не би било на одмет“
Ширли Бочвеј, генерален секретар на Комонвелтот на нациите – организација која опфаќа околу 2,7 милијарди луѓе – минатата недела изјави дека дошло време да се разговара за репарации, било да се тие финансиски или од друг вид, како што е враќањето на историски или културни предмети.
Што се однесува до извинувањето од кралот, кој сè уште е шеф на државата во голем број карипски земји, вклучувајќи ги Бахамите и Антигва и Барбуда, Бочвеј за „Скај њуз“ изјави дека „тоа не би било на одмет“.
Како што пренесува „Ројтерс“, во периодот од 15-тиот до 19-тиот век, европски трговци киднапирале и продале најмалку 12,5 милиони Африканци како робови. Притоа, Велика Британија била одговорна за транспортот на приближно 3,2 милиони луѓе, што ја прави втора најактивна европска земја во тој поглед, веднаш по Португалија.
Извор: Индекс.хр

