Кошта: Покрај кандидатите за членство, реформи мора да спроведе и ЕУ

2.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кошта: Покрај кандидатите за членство, реформи мора да спроведе и ЕУ

Ако сакаме да ја градиме Европската Унија како „мултифункционална зграда“, тогаш паралелно со реформите што ги преземаат земјите кандидатки за членство при процесот на проширување, мора да се извршат и внатрешни реформи во рамките на институциите на ЕУ за да се обезбеди нејзино прилагодување, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во интервју за португалската агенција Луса. 

- Ако во иднина сакаме да се движиме во нови области, природно е оваа мултифункционалност да продолжи да се развива во рамките на Унијата. Тоа е прашање кое неизбежно ќе биде дел од претстојните дебати, вели Кошта во интервјуто по повод истекот на шест месеци од неговото преземање на должноста. 

Според Кошта, Самитот на НАТО во Хаг, одржан минатата недела, ги разрешил сомнежите околу иднината на Алијансата. 

- По неколку месеци во кои имаше сомнежи дали Трансатлантскиот сојуз ќе преживее, сите партнери изразија желба да останат обединети, да ги зајакнат односите и се согласија за нови цели за зајакнување на Алијансата, која, се додека не се докаже спротивното, останува најефикасната колективна одбранбена сила на глобално ниво, вели Кошта. 

Тој оценува дека договорот постигнат на Самитот на НАТО за зголемување на одбранбените трошоци може да има „позитивно влијание“ и врз трговските преговори меѓу ЕУ и САД, за кои се надева дека ќе завршат „брзо и успешно“. 

- Очигледно е дека договорот што Европејците го постигнаа со Американците во рамките на НАТО, може само позитивно да влијае на трговските преговори. Дури би рекол дека логична последица од договорот постигнат во НАТО ќе биде позитивен ефект врз трговските преговори, смета Кошта. 

Според него, овие преговори би требало да завршат што побрзо и да ги разјаснат работите, бидејќи нивното пролонгирање само ја продолжува неизвесноста.  

- Она што ќе го договориме треба да биде позитивно и за двете страни или барем најмалку негативно можно и за двете, нагласува Кошта. 

Кога станува збор за зголемувањето на инвестициите во одбраната, според Кошта, мора да се води сметка и за „зачувување на социјалната држава“, бидејќи во спротивно тоа би довело до „колективно самоубиство“ на ЕУ. 

- Оние кои нудат избор помеѓу социјалната држава и трошењето за одбрана, всушност предлагаат колективно самоубиство, бидејќи никој не може да се мобилизира за одбраната, ако не биде заштитен неговиот начин на живот. А она што го дефинира нашиот европски начин на живот е токму постоењето на силна социјална држава, вели Кошта. 

Според него, одбраната не е само трошење за одбранбени потреби, туку и мобилизација на општеството за тоа да може да се одбрани себе си и своите вредности. 

Кога станува збор за европската безбедност, според Кошта, ЕУ мора да продолжи да врши притисок врз Кремљ, бидејќи, како што нагласува, „нема индиции“ дека Русија е подготвена да преговара за прекин на огнот и мир во Украина. 

- Русија го отфрли прекинот на огнот, Русија одби да учествува во преговори на високо ниво и всушност, Русија ги интензивираше своите напади врз Украина. Со тоа, се чини дека Русија не е склона да преговара за мир, наведува Кошта. 

Според него, мировните напори на американскиот претседател Доналд Трамп „не наишле на никаков одговор од руска страна, па затоа ЕУ мора „не само да продолжи да ја поддржува Украина, туку и да го зголеми притисокот врз Русија“, вклучително и со нов пакет санкции. 

- Притисокот мора да биде глобален за да биде ефикасен, заклучува Кошта во интервјуто за агенцијата Луса, која како и МИА е дел од Европската новинска редакција (ЕНР). 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата