Првата директна средба на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп во живо за време на погребот на папата Франциск во Рим во саботата, во голема мерка се должи за залагањата на италијанската премиерка Џорџа Мелони, тврдат извори од нејзината десничарска партија Браќата на Италија (ФДИ).
Според партиски извори, како што наведува италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, Мелони изминативе денови интензивно работела да дојде до овој „почетен контакт, кој таа го смета за многу важен“.
Портпарол на Европската комисија информира дека Фон дер Лајен и Трамп во саботата во Рим „кусо разговарале, при што се согласиле да се сретнат“ на формален билатерален состанок во блиска иднина. Сепак, портпаролот одби да одговори дали е упатена и формална покана за средба.
Ова беше прв разговор во живо меѓу Фон дер Лајен и Трамп по неговото стапување на должноста американски претседател во јануари годинава. Според дипломатски извори, „високи претставници на Комисијата“ со месеци се обидуваат да договорат билатерална средба меѓу Фон дер Лајен и Трамп, но таквите напори досега беа без успех.
Извори во ФДИ посочуваат дека Мелони е „заслужна“ и за средбата на Трамп во базиликата „Свети Петар“ во Рим со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со што, според нив, италијанската премиерка се наметнува како „медијатор во рамките на Западот“.
Во објави на социјалните мрежи партијата посочи дека Мелони имала улога во „унапредувањето на решенијата за најделикатните прашања што предизвикуваат загриженост во меѓународните односи“.
ФДИ упати и пофалби за дипломатските напори на својата лидерка, кои биле „внимателно и дискретно исткаени, без да се бара внимание, во услови кога очите на светот беа насочени кон Рим - престолнината на Христијанството и, благодарение на нашата премиерка, и на глобалната дипломатија“.
Мелони за време на нејзината неодамнешна посета на Вашингтон предложи одржување на Самит ЕУ-САД, за кој изрази надеж дека би се одржал пред Самитот на НАТО во Хаг, предвиден за крајот на јуни.
Во меѓу време, Европската комисија соопшти дека викендов, по погребот на папата, Фон дер Лајен телефонски разговарала со Мелони за „континуираната поддршка за Украина, за безбедносната рамка пред Самитот на НАТО и за чувствителните преговори за трговските царини“ со Администрацијата на Трамп.