Ликвидиран е првиот човек на иранскиот генералштаб, Али Шадмани, погодена е и државната телевизија каде според иранските власти убиени се две лица.
Техеран се празни, недогледни колони возила од синоќа ги преполнија улиците само неколку моменти откако Трамп повика десетмилионската метропола да се евакуира.
„Едноставно сакаме да го напуштиме Техеран и тоа е се. Бидејќи рекоа дека Техеран се евакуира, тоа создава страв кај секого.“
„Луѓето се исплашени, особено кога ќе се слушнат звуците на бомбите. Муштериите честопати додека пазарат од страв ги напуштаат маркетите.“
Иран ги продолжува нападите со балистички ракети во деветтиот бран напади врз Израел. Околу 30 проектили атакувале врз Тел Авив, Ерусалим и Хаифа. Техеран соопшти дека го погодил срцето на Мосад во Херцлија близу Тел Авив, но нема детали дали и колкава штета е направена. Израелскиот премиер Нетанјаху порача дека иранскиот режим мора да падне и дека единствено атентат врз врховниот лидер Хамнеи може да стави крај на иранската нуклеарна програма.
-(Убиството на ајатолахот) нема да го ескалира конфликтот, туку ќе го заврши. Тоа е полувековен конфликт раширен од овој режим, кој го тероризира целиот Блиски исток. Тоа е вечна војна што Иран ја сака и нè доведе до работ на нуклеарна војна. Всушност, она што го прави Израел е да го спречи ова. , изјави бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
-Треба да се вратам. Многу е важно. Ви благодарам за гостопримството, рече Трамп
Американскиот Претседател ден порано го напушти Самиотот на групата Г-7 што создаде разногласија меѓу лидерите особено откако Макрон соопштил дека Трамп си заминал за да издејствува прекин на огнот. За време на летот кон Вашингтон, Трамп порача „не прекин на огнот туку вистински крај на конфликтот“.
-Не реков дека барам прекин на огнот. Тоа го кажа Емануел (Макрон). Добро момче, но често знае да не биде во право. Ние бараме нешто подобро од прекин на огнот, изјави Доналд Трамп, Претседател на САД.
Паралелно со егзодусот во Техеран, продолжува и евакуацијата на странските државјани од Израел. Денеска владини авиони со чешки и полски државјани слетаа на аеродромите во Прага и Варшава.