Кипар воведува нов механизам за информирање на граѓаните за евентуална опасност преку апликацијата за засолништа SafeCY

11.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кипар воведува нов механизам за информирање на граѓаните за евентуална опасност преку апликацијата за засолништа SafeCY

Нов механизам за брзо и непосредно информирање и рано предупредување на населението во случаи на опасност или вонредна состојба, воведе кипарската Влада преку постоечката апликација SafeCY, чија првична намена е лоцирање на најблиските засолништата, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираше министерот за внатрешни работи на Кипар Константинос Јоану преку функцијата за итно известување, цивилната одбрана може веднаш да ги информира граѓаните кои ја имаат инсталирано апликацијата на својот мобилен телефон, испраќајќи известувања или масовно или насочени кон оние во погодените подрачја.

Сепак, Јоану посочи дека оваа мерка не ги опфаќа граѓаните кои не ја инсталирале апликацијата на својот мобилен телефон или немаат паметен телефон, но повтори дека ова е дополнителна мерка што може да опфати голем дел од населението сè до завршувањето на процесот на имплементација на системот за рано предупредување, што е планирано во јуни.

Паралелно, информираше за контролите извршени во изминатите денови во засолништата што постојат во земјата, вкупно 2.480, од кои како што објасни, 194 простори што беа регистрирани или не се соодветни или зградите повеќе не постојат и затоа се избришани од листата, додека пак за други 288 засолништа, статусот на јавна употреба е променет и тие остануваат приватни за употреба само од нивните сопственици или закупци.

Дополнително било утврдено дека голем број засолништа треба да се исчистат или испразнат за да бидат подготвени да примат граѓани, доколку е потребно.

Јоану посочи дека „се континуирани напорите за изнаоѓање простори што би можеле да се користат како засолништа, со цел дополнително зголемување на процентот на покриеност на населението“.

- За таа цел, денеска се одржа состанок со претставници на здруженија на компании, хотелиери, супермаркети и на црквата, со цел да се утврди можноста за отстапување големи подземни простори, кои, од една страна, нема да бараат никаква значителна подготовка, а од друга страна, ќе можат да примат значително поголем број луѓе, рече Јоану.

Засолништата со кои располага Република Кипар покриваат 40-45 отсто од населението.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата