Кина остро се спротивставува на секоја земја што ќе склучи трговски договори со Соединетите Американски Држави што би ги жртвувале интересите на Кина во замена за олеснување на царините, се вели во соопштението на Министерството за трговија на земјата.
- Доколку се појави таква ситуација, Кина нема да ја прифати и ќе преземе решителни контрамерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси. Само со цврсто придржување кон сопствените принципи и ставови, земјата може навистина да ги заштити своите легитимни права - се додава во соопштението, како одговор на медиумското прашање за неодамнешните трговски преговори на САД со други земји, објави Блумберг.
САД воведоа реципрочни царини за своите трговски партнери, кои треба да се зголемат на почетокот на јули доколку не се потпишат трговски договори.
- Ова е типичен чин на еднострано малтретирање што сериозно го поткопува мултилатералниот трговски систем и го нарушува нормалниот меѓународен трговски поредок - се вели во соопштението на кинеското министерство, додавајќи дека Кина постојано и цврсто се спротивставува на ваквите практики.