„Кина отсекогаш го држела својот збор и испорачувала резултати. Сега кога е постигнат консензус, двете страни треба да се придржуваат до него“, изјави тој на прес-конференција, објави Ројтерс.
Договорот, постигнат по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата недела, носи деликатно примирје во трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.
Телефонскиот повик меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг го прекина застојот што се појави само неколку недели откако беше постигнат прелиминарен договор во Женева.
По повикот следеа нови разговори во Лондон за кои Вашингтон рече дека „ја потврдиле суштината“ на Женевскиот договор за ублажување на билатералните одмазднички тарифи.
Женевскиот договор пропадна поради континуираните ограничувања на Кина за извоз на минерали, што ја натера администрацијата на Трамп да одговори со контроли на извозот што спречуваат испораки на софтвер за дизајн на полупроводници, млазни мотори произведени во Кина и друга стока во Кина.
Трамп во среда изјави дека е многу задоволен од трговскиот договор.
„Нашиот договор со Кина е затворен, предмет на конечно одобрување од претседателот Си и од мене. Кина ќе испорача комплетни магнети и сите потребни ретки земни елементи однапред. Исто така, ќе ѝ го обезбедиме на Кина она што беше договорено, вклучително и кинеските студенти кои ги користат нашите колеџи и универзитети (што отсекогаш било добро за мене!), напиша Трамп на својот профил на социјалните мрежи „Вистина“.
Тој рече дека е постигнат договор за нивото на царините - 55 проценти за САД, 10 проценти за Кина.
Сепак, спецификите на најновиот договор и деталите за тоа како ќе се спроведе остануваат нејасни, според Ројтерс.
Официјален претставник на Белата куќа рече дека 55 проценти претставуваат збир од основна „реципрочна“ царина од 10 проценти што Трамп ја воведе на стоки увезени од речиси сите трговски партнери на САД, царина од 20 проценти за целиот кинески увоз поврзана со неговото обвинување дека Кина не направила доволно за да го спречи протокот на фентанил во САД и постојните царини од 25 проценти за увоз од Кина, наметнати за време на првиот мандат на Трамп.