Војната од денеска добива пошироки размери, откако во судирите се вклучи и либански Хезболах, кој синоќа ракетираше цели во Израел, а Еврејската држава возврати на југот на Бејрут и уби најмалку 30-мина. Израел соопшти и дека континуирано се вршат напади врз Иран.
-Во овие моменти стотици израелски вухоплови симултано ги напаѓаат Либан и Иран. Се бориме на неколку фронтови истовремено, и во Иран и во Либан. , изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската армија
По 3-дневната американско-израелска офанзива и атентатот врз врховниот лидер, од Иран нема назнаки дека на било каков начин се повлекува од судирите. Напротив, Исламската република и натаму атакува буквално врз сите заливски земји, а во Тел Авив и Ерусалим во текот на целиот ден одекнуваат сирени.... Прв пат мета беше Саудиска Арабија, чија најголема рафинерија пламна во оган по ирански ракетен напад. Нападната беше и британската амбасада на Кипар, а потоа и евакуирана. САД денеска пријавија нова четврта жртва во иранските напади. Три американски авиони беа соборени во Кувајт, но според Вашингтон, резултат на пријателски оган од кувајтска страна, а сите пилоти биле навремено катапултирани. Американскиот претседател Трамп повторно ја повика револуционерната гарда да го положи оружјето.
-Борбените операции продолжуваат со полна сила и ќе продолжат се додека не ги постигнеме сите наши цели. Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент да бидат храбри, смели, херојски да ја врата својата земја. Америка е со вас. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД
Повиците на Трамп не допираат до Техеран, од каде доаѓаат и одгласи и дека повеќе нема простор за преговори за нуклеарната програма. Деновиве Иран треба формално да го добие наследникот на ликвидираниот Хамнеи, а засега се лицитира со името на Али Лариџани, еден од највлијателните личности во безбедносниот апарат.
-Ако нивната цел е промена на режимот, тоа е невозможна мисија. Ние имаме многу добро воспоставен политички систем, имаме богат Устав и врз основа на тоа, институциите постојат и си ја вршат работата. , изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран
По тврдењето на Иран дека бил погодена нивната нуклеарна постројка во Натанц, од Меѓународната агенција за атомска енергија соопштија дека нема индиции дека е погоден таков објект. Организацијата Црвена полумесечина соопшти дека бројот на жртви во Иран надминал 550, иако Техеран јави за двојно помалку. Со реакција се огласи и Кремљ, кој ја осуди како што рече отворената агресија врз Иран и начинот на кој се развиваат настаните.

