-Секоја куќа во јужен Либан што ќе биде обновена и каде што ќе се формира терористичка база, ќе биде уништена, секое вооружување или прегрупирање на терористите ќе биде погодено, секој обид за шверц на оружје ќе биде спречен и секоја закана за нашите сили или за израелските граѓани веднаш ќе бидат уништена, му рече Кац на специјалниот координатор на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашарт.
Во сличен императивен дух беше и изјавата на портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер, кој рече дека договорот со Либан ќе го остави Израел слободно да дејствува во самоодбрана за да ја елиминира заканата од шиитското движење Хезболах и за да може безбедно да ги врати дома жителите на северните израелски заедници.
Шефот на либанската дипломатија, Абдала Бу Хабиб, од своја страна, изрази надеж дека договорот за примирје меѓу Израел и Либан ќе биде потпишан до крајот на денот. Тој додаде дека либанската армија ќе биде подготвена да распореди најмалку 5.000 војници на југот на земјата кога израелските борци ќе се повлечат од областа и дека САД ќе играат клучна улога во обновата на инфраструктурата уништена од израелските напади.
Во последните часови се почесто се зборува за можен прекин на огнот во Либан. Договорот бара во следните 60 дена израелските единици да се повлечат од јужниот дел на земјата, што се смета за упориште на Хезболах, а на нивно место да бидат распоредени либанските вооружени сили. Самиот Хезболах ќе го прекине своето вооружено присуство во близина на границата јужно од реката Литани.
Предлогот веќе доби одобрување во Бејрут, каде заменик-претседателот на либанскиот парламент Елиас Бу Сааб вчера за Ројтерс изјави дека нема сериозни пречки за неговото спроведување доколку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се премисли.
Знаците за дипломатски пробив беа придружени со воена ескалација. Денешните израелски воздушни напади предизвикаа дополнително уништување во јужните предградија на Бејрут, контролирани од Хезболах, додека милитантната група продолжи да истрелува ракети кон Израел./МИА