Јапонската премиерка во Парламентот вети раскинување со „финанасискиот аскетизам“ за заживување на економијата

20.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јапонската премиерка во Парламентот вети раскинување со „финанасискиот аскетизам“ за заживување на економијата

Јапонската премиерка Санае Такаичи во воведниот говор пред националниот парламент (Диет) вети дека ќе раскине со „прекумерниот финансиски аскетизам“ и ќе ги поттикне долгорочните инвестиции преку повеќегодишна буџетска рамка, нагласувајќи ја посветеноста на нејзината влада за заживување на економијата на земјата, објавија британските медиуми.

Во исто време, таа посочи дека ќе постави специфични критериуми за проценка на напредокот во финансиската регулатива. Намерите на Такаичи подразбираат финансиски ризик - нејзиниот план за трошење треба да ја заживее четвртата најголема економија во светот, меѓутоа, без да влијае на државниот долг и, соодветно, да доведе до нов пад на јенот, коментираат западните агенции.

Во својот говор пред парламентот, Такаичи ја повтори својата посветеност на водење „одговорна, проактивна фискална политика“ насочена кон зголемување на инвестициите во областите како што се вештачката интелигенција, производството на чипови и бродоградбата за да се поттикне економскиот раст на Јапонија.

„Мојата влада ќе раскине со долгогодишната практика на прекумерен фискален аскетизам со правење заштеди и хронична неподготвеност за доволно инвестирање“, рече Такаичи, додавајќи дека Јапонија не треба да се двоуми да ги зголеми трошоците за поддршка на приватните инвестиции.

Лидерката на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) рече дека за да ги направи владините иницијативи подостапни за приватните компании, нејзината влада ќе го преиспита начинот на кој се подготвуваат државните буџети и, на пример, ќе промовира повеќегодишни буџети и долгорочни инвестициски фондови.

Во Јапонија, владата подготвува едногодишни буџети за да обезбеди трошењето да биде надгледувано од парламентот, објаснуваат британските медиуми.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата