Во јуни, Јапонија увезе речиси 1,2 милиони барели руска нафта, која е изземена од западните санкции – што е трипати повеќе во споредба со претходниот месец – покажуваат податоците на јапонското Министерство за финансии, што укажува на обиди да се надомести намаленото снабдување од Блискиот Исток.
Според табелите на јапонското министерство, во јуни Јапонија увезла 184.000 кубни метри нафта од Русија, што одговара на приближно 1,157 милиони барели од „црното злато“.
Вредноста на увозот изнесувала 19,69 милијарди јени (120,75 милиони долари), според податоците на министерството. Тоа значи дека јапонските увозници во јуни плаќале во просек нешто повеќе од 104 долари за барел руска нафта.
Според официјалните јапонски податоци, обемот на увоз во јуни бил трипати поголем отколку во мај, кога биле увезени нешто помалку од 365.000 барели руска нафта – во вредност од шест милијарди јени (36,85 милиони долари).
Ова укажува на тоа дека јапонските увозници во мај плаќале приближно 101 долар по барел за руската нафта. Сепак, податоците за април покажуваат дека Јапонија воопшто не увезла нафта од Русија.
Нафтата купена во мај и јуни била дел од договорите за снабдување со гас од проектот „Сахалин-2“ на рускиот Далечен Исток, кој не подлежи на западните санкции, наведува руската новинска агенција ТАСС. „Сахалин-2“ е еден од најголемите руски проекти за извоз на гас; негови сосопственици се рускиот „Гаспром“ и јапонските компании „Мицуи“ и „Мицубиши“.
