Медиумите, пренесува ДПА, вклучувајќи ги „Њујорк тајмс“ и „Си-Би-ЕС Њуз “, објавија дека агент на американската гранична патрола првично отворил оган врз Прети, а потоа и службеник на Царинската и граничната заштита (CBP), се наведува во електронската пошта за прелиминарната истрага што СВР ја испратила до членовите на американскиот Конгрес.
Граничната патрола на САД е мобилна, униформирана гранка на СВР за спроведување на законот, појаснува ДПА.
Убиството на Прети, бел 37-годишен медицински техничар кој работел во болница за ветерани, ги разгоре тензиите околу масовната репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во градовите управувани од демократите и предизвика бес откако федералните службеници го обвинија Прети за постапките кои довеле до неговата смрт, и покрај видео снимките што го потврдуваат спротивното.
Според извештаите на медиумите што се повикуваат на документот, во извештајот не се наведува дека Прети посегнал по своето оружје - иако американската администрација претходно сугерираше дека тој претставува непосредна закана.
По пукањето, Министерството за внатрешна безбедност на САД објави фотографии од пиштол за кој се вели дека Прети го носел и рече дека им се приближил на полицајците додека бил вооружен. Министерството тврдеше дека тој се спротивставил на обидите да го разоружаат и дека еден полицаец пукал во самоодбрана, иако видео снимките покажуваат дека Прети веќе бил разоружан.
Секретарката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, изјави кратко по инцидентот дека Прети изгледал решен да предизвика максимална штета и да убие полицајци и дека мавтал со оружје - тврдење кое не е поткрепено со достапните видео снимки.
Според „Њујорк тајмс“, истражителите ги прегледале снимките од камерите на телото како дел од извештајот, појаснува ДПА.

