Израел го ликвидирал лидерот на Хезболах, Хасан Насрала

28.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израел го ликвидирал лидерот на Хезболах, Хасан Насрала

Израел го уби Хасан Насрала – човекот кој беше лидер на Хезболах повеќе од две децении загина во синоќешниот воздушен напад на централното седиште на милитантната група во Бејрут.

Информацијата за смртта на Насрала ја потврдија и од Хезболах кои повикаа на продолжување на војната, а во соопштението се вели дека раководството се обврзува да го продолжи својот џихад во соочување со непријателот.

Порптаролот на израелската војска Хагари рече дека е срушен епицентарот на терористичкиот Хезболах, кој според нив намерно бил изграден под станбени згради во срцето на Дахија – Бејрут, за цивилите да се користат како жив штит. Израел по нападот посочи дека е во целосна готовност за понатамошните случувања.

„Речиси една година Израел го предупредуваше светот и му кажуваше дека Хезболах мора да биде спречен. Израел го прави тоа што секоја суверена земја во светот би го направила ако имаат терористичка организација која сака да ги уништи на нивната граница, преземаме неопходни акции да ги заштитиме нашите луѓе, за израелските семејства да можат да ги напуштат своите домови безбедно и сигурно..“

Последните случувања на блискиот исток предизвикаа загриженост и кај САД. Државниот секретар Ентони Блинкен посочи дека постојат два правци од сега натаму, насилството и страдањето кои ќе се рефлектираат врз целиот свет или дипломатијата и запирањето на огнот, кој САД и партнерите ќе продолжат да го заговараат. Воедно предупреди, доколку некој го искористи овој момент за напад на американците и нивниот интерес во регионот, ќе има соодветен одговор.

„САД се јасни, заедно со Г7 и ЕУ, партнерите во заливот и некои други региони, дека ние веруваме дека патот напред е преку дипломатијата, не конфликтот. Патот на дипломатијата можеби изгледа тешко да се види во овој момент, но тој е тука и според нашето расудување е неопходен и ќе продолжиме да работиме напорно со сите страни да ги поттикнеме да го одберат тој терк.“

Според аналитичарите, последниот потег задал голем удар врз Хезболах, од кој ќе им треба некое време да се опорават пред да можат да одговорат, а дотогаш ќе бидат во дефанзива.

„Тие се во победничка позиција, изгледа ги постигнаа своите цели барем на момент да го онеспособат раководството на Хезболах, барем на некој период да ги парализираат во можноста да одговорат.“

Хасан Насрала со години не беше виден во јавноста токму стравувајќи дека Израел ќе го убие. Беше сметан за најмоќна личност во Либан, со околу 100.000 борци на располагање. Роден е во Бејрут, во шиитско семејство во 1960 година, а во Хезболах се приклучил во 1982та, каде постепено се движел кон самиот врв на организацијата, со што ја трансформираше во регионална воена и политичка сила. Тој е опишан како национален „херој“ и „икона“ во Либан и во арапскиот свет.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата