Ова е изјавата на американскиот претседател, Трамп кој сугерираше скорешен крај на војната и преку ноќ ја намали цената на нафтата за 30 долари. Откако вчера го достигна 4-годишниот максимум од 120, референтната цена на нафтата падна под 90 долари за барел. Веста експресно се одрази и на вредноста на акциите на европските и азиските берзи, кои скокнаа и до 6 проценти.
-Денеска имаме пролетен ден на берзата. Тоа е позитивно и се покажа дека нафтата е една од најважните работи за глобалната економија. , изјави вработен на Франкфуртската берза.
Но, долгорочно ценовните движења не можат да се предвидат, паралелно со непредвидливите пораки на Трамп и прокосот на Иран дека простор за преговори нема.
-Нема да дозволам терористичкиот режим да го држи светот како заложник и да се обиде да го запре снабдувањето со нафта во светот. И ако Иран направи нешто за да го стори тоа, ќе биде погоден многу, многу посилно. , изјави Трамп.
-(Цените на нафтата) не се наша вина, тоа не е наш план. Тие го направија регионот небезбеден и затоа танкерите и бродовите се плашат да поминат низ Ормутскиот теснец. Ние не го затворивме тој теснец. Затоа не мислам дека разговори со Американците се на нашата агенда. , изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Иран денеска ракетираше цели врз Израел, Катар и Емиратите, Еврејската држава возврати на два фронта, со бомбардирање на Техеран и јужен Либан.
-Нашата амбиција е да му се помогне на иранскиот народ да ги отстрани оковите на тиранијата, но на крајот, зависи од нив. Нема сомнение дека со она што го направивме досега им ги кршиме коските. , изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во блискоисточниот конфликт дипломатски се вклучува и Путин, кој во телефонски разговор со Трамп се понудил да посредува во намалувањето на тензиите. На Европејците пак, им порача дека е подготвен да ги снабдува со нафта и гас под одредени услови.
-Подготвени сме да соработуваме со Европејците, но ни требаат сигнали од нив дека сакаат да соработуваат со нас и дека ќе обезбедат одржливост и стабилност. , изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта оцени дека Русија досега е единствениот победник на Блискиот Исток зашто војната ги зголемила цените на енергенсите, а го одвлекла вниманието од Украина.

