Иранската револуционерна гарда ги постави условите за крај на војната- познато е што бараат од САД

9.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иранската револуционерна гарда ги постави условите за крај на војната- познато е што бараат од САД

Иранската револуционерна гарда денеска објави дека војната со САД би можела да заврши ако Вашингтон престане да му се заканува на Иран и одговори на условите што ги постави, вклучително и оние поврзани со неговата нуклеарна програма.

„Ако Америка сака да ја заврши оваа ситуација, покрај целосното запирање на војната, мора да се воздржи од повторување на заканите, да ја повлече израелската армија од Либан, да ја прекине блокадата наметната врз Јемен, да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства и да го запре секое мешање во нуклеарните и ракетните капацитети на земјата“, изјави портпаролот на Револуционерната гарда, Хосеин Мохеби, цитиран од новинската агенција Фарс.

Револуционерната гарда претходно во текот на денот објави дека нова „ограничена зона“ надвор од Ормутскиот теснец ќе вклучува делови од Оманскиот Залив и областите пошироко, истакнувајќи дека нејзините прецизни координати ќе бидат објавени подоцна.

Мохеби изјави за државната телевизија дека областа „започнува приближно кај Чабахар“ и опфаќа дел од Оманското Море и друг дел од Арапското Море, предупредувајќи дека секој брод што влегува во неа без координација ќе се соочи со „казнени мерки“.

Тој објасни дека „мерките ќе вклучуваат одбивање на услугите за навигација на бродовите“.

Сообраќајот низ Ормутскиот теснец е речиси целосно нарушен, што влијае на глобалните енергетски пазари.

Иран воведе барање бродовите да добијат претходна дозвола за транзит низ теснецот, на што се спротивставуваат Вашингтон и неколку земји во регионот.

САД одговорија со воведување блокада на иранските пристаништа, заедно со нови санкции насочени кон иранските авиокомпании, како дел од засилениот економски притисок врз Техеран.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата