Иран со повик за „ослободување на Ерусалим“ по убиството на водачот на Хезболах

28.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран со повик за „ослободување на Ерусалим“ по убиството на водачот на Хезболах

Иран соопшти дека „линијата на Хасан Насрала ќе продолжи“ и покрај убиството на шефот на либанската милиција Хезболах во израелскиот напад врз нејзиното седиште во јужните предградија на Бејрут еден ден претходно, а палестинската организација Хамас рече дека „атентатот“ ќе значи само зајакнување на отпорот кон Израел, објави Би-Би-Си.

„Прекрасната линија на водачот на отпорот Хасан Насрала ќе продолжи, а неговата света цел ќе биде постигната со ослободување на Ерусалим, ако даде Бог“, напиша портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, на социјалната мрежа Х.

Денеска, проиранскиот Хамас објави дека жали за Насрала, откако тој беше убиен во израелски воздушен напад, велејќи дека неговата смрт само ќе ја поттикне борбата против Израел.

„Злосторствата и атентатите на израелската окупација само ќе ја зголемат решителноста и истрајноста на отпорот во Палестина и Либан да продолжи со сета своја сила, храброст и гордост на чекорите на мачениците и да го следи патот на отпорот до победата и отфрлање на окупацијата“, се вели во соопштението на Хамас.

Смртта на Насрала е тежок удар за Хезболах, кој се соочува со се поинтензивни израелски напади. Тоа е удар и за Иран, со оглед на значајната улога што ја одигра во таканаречената „оска на отпорот“, посочува Ројтерс.

„Оска на отпор“ е терминот што се користи за означување на палестинските, либанските, сириските и други движења кои се блиски до Иран и се противници на Израел.

„Ја потврдуваме нашата апсолутна солидарност и стоиме со нашите браќа во Хезболах и Исламскиот отпор во Либан, кои учествуваат во битката за поплавата Ал Акса (како што Хамас го нарекува нападот на Израел на 7 октомври) за да ја бранат џамијата Ал Акса , со нашиот народ и нашиот отпор“, додаде Хамас.

Исламски џихад, друга проиранска палестинска организација, во изјавата рече: „Порано или подоцна, силите на отпорот од Либан, Палестина и регионот ќе се погрижат непријателот да ја плати цената на неговите злосторства и да вкуси пораз за она што неговите грешни раце направиле“.

Газа има 2,3 милиони жители, од кои повеќето се раселени во крајбрежната енклава поради војната, во која загинаа 41.500, според здравствените власти во Газа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата